Во Гевгелија денеска почна информативна кампања за промовирање проект за заштита на животната средина и подобар квалитет на живот, која во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка со Бугарија ја спроведува здружението на граѓани „Центар за климатски промени“.

– Главната цел на проектот е да се интензивира прекуграничната соработка на луѓето и институциите за заедничко решавање на еколошки проблеми поврзани со управување со отпад и спречување на загадувањето во пограничниот регион со што ќе се овозможи подобар квалитет на животот во регионот, велат од Здружението и појаснуваат дека во кампањата се вклучени ученици од основните училишта на возраст од 6 до 15 години, граѓански организации, како и мали и средни претпријатија кои работат во областа на управување со отпад.

На 12 основни училишта во рамки на кампањата ќе им бидат донирани по два сета составени од по четири канти со различна боја за селективно собирање отпад. Ќе биде изработена и апликација за мобилни телефони со која секој ќе може да пријави диви депонии.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2017 14:47