Прирачник за сузбивање и препознавање корупција во локалната самоуправа денеска беше промовиран од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.

Прирачникот, според градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС Коце Трајановски, е полезна алатка која ќе биде од корист на сите во локалната самоуправа, како на службениците така и на градоначалниците на општините.

– Одговорноста на локалната власт мора да биде на многу високо ниво. Сметам дека во континуитет треба да се работи на обезбедување поквалитетна регулатива како и на нејзино усовршување. Основна улога на ЗЕЛС е лобирање и зајакнување на овие процеси. Во тој контекст е и поддршката за изработката и побликување ваков прирачник кој ќе обезбеди јакнење на свеста и на претставниците на локалната власт, дека тие се именувани да им служат на народот, да спроведуваат активности за создавање поквалитетни услуги за граѓаните, а истовремено да ги почитуваат законите и законските одредби при спроведување на должностите, рече Трајановски.

Тој нагласи дека општините работат транспарентно и ги почитуваат законите, но и дека потребно е да се потрудат за поквалитетно работење.

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски истакна дека прирачникот ќе биде корисна алатка за голем број засегнати страни во процесот на донесување одлуки на вработените во локалната администрација и во јавниот сектор.

– Прирачникот ќе им помогне на граѓаните, трговските друштва, медиумите и сите засегнати страни да имаат една слика кои се нивните права, но и кои се нивните обврски во еден процес на донесување одлуки, рече Муцунски.

Авторката Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ појасни дека прирачникот содржи сублимација на прописите во Македонија, односно што е корупција, кои се обврските на Државната комисија за спречување на корупцијата, начелата за постапување на службените лица…

Прирачникот е на располагање на македонски и албански јазик, а ќе биде дистрибуиран до сите единици на локалната самоуправа.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2017 19:20