„Гугл“ (Google) го демантира американскиот претседател Доналд Трамп, кој вчера на Твитер напиша дека компанијата „манипулира со резултатите од пребарување во корист на негативните извештаи за него и за другите конзервативци“.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков ги обвини сириските бунтовници дека подготвуваат хемиски напад, за кој Москва тврди дека ќе биде искористен за да се оправда напад на Западот врз сириските војници.
Бразилскиот претседател Мишел Темер потпиша указ за распоредување на силите на армијата во северната држава Рорајма на границата со Венецуела, за да помогнат во одржувањето на редот и да ја гарантираат безбедноста на венецуелските имигранти.
Директорот на Обединети нации за хуманитарни операции Џон Гинд предупреди дека голема офанзива на сириската Влада врз последното големо бунтовничко упориште во северната провинјција Идлиб „има потенцијал да предизвика хуманитарна криза од досега невидени размери“ во седумгодишната граѓанска војна во Сирија.
Портпаролката на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, Хедер Нојерт изјави дека САД се подготвени да преговараат со Северна Кореја кога ќе биде јасно дека земјата ја исполнила обврската за укинување на своето нуклеарно оружје.
Силен земјотрес со интензитет од седум степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во близина на Нова Каледонија, во јужниот дел на Пацификот.
Бомба, која била скриена во торба, експлодирала денеска за време на градска прослава во јужниот дел на Филипините, при што загинало најмалку едно лице, а 35 се повредени, изјави воениот командант Сирилито Собеџана.
Данска треба да се вложи повеќе во ЕУ, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон, кој е во посета на таа земја, оценувајќи дека на Данска и е потребна дебата за нејзиното неучествување во одредени прашања на ниво на ЕУ.
Универзитетот Ал Азхар во Каиро ги осуди сите форми на сексуално малтретирање и ги прогласи за грев, а истовремено упати апел до египетските власти да преземат мерки против ваков вид на вознемирување.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави днеска во Берлин дека е забележан напредок на хрватската полиција за време на мигрантската криза, што би можело да биде од големо значење за влез на земјата во Шенген зоната.