„Гугл“ (Google) го демантира американскиот претседател Доналд Трамп, кој вчера на Твитер напиша дека компанијата „манипулира со резултатите од пребарување во корист на негативните извештаи за него и за другите конзервативци“.
- Кога корисниците пребаруваат во „Гугл“ нашата цел е да во неколку секунди им обезбедиме да добијат најрелевантни одговори. Пребарувањето не се користи за поставување на политички агенди и не покажува резултати врз основа на чија било политичка идеологија. Секоја година правиме стотина подобрувања на нашите алгоритми за да се обезбеди висококвалитетна содржина, се посочува во соопштението на „Гугл“.
Компанијата истакнува дека резултатите никогаш не се рангирани со намера за политичка манипулација.
Трамп напиша и дека „96 отсто од резултатите од пребарување на вести за Трамп потекнуваат од „националните левичарски медиуми“, што според него е „многу опасно“.