Дел од теракотните икони од Виничкото Кале се претставени на самостојна изложба во Белград, како дел од програмата на Деновите на македонската култура.
На големата сцена во Македонскиот народен театар вечер ќе гостува Београдско драмско позориште со претставата „Зојкиниот стан“, по текст на Михаил Булгаков, а поставена во режија на Наташа Поплавска.
Во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Поштенска историја на територијата на Република Македонија од 1843 до 2010 (поштенски жигови)“ од д-р Бранислав Светозаревиќ. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Виолета Ачкоска.
Во Домот на градежните работници во Скопје вечер ќе биде промовирана книгата „Подвижници“ од проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ во која се опфатени современите ктитори и донатори на македонски цркви и манастири.
Македонската опера и балет денеска ќе ја изведе операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини во рамки на 49. издание на Фестивалот на оперската и балетска уметност во Стара Загора. Гостувањето на МОБ е на покана од Државната опера од Стара Загора.
Mинистерот за култура Асаф Адеми денеска во рамки на Третата светска конференција за туризам и култура што се одржува во Истанбул оствари билатерални средби со своите колеги од Турција и од Црна Гора Мехмет Нури Ерсој и Александар Богдановиќ, како и со државниот секретар во словенечкото Министерство за култура Јанс Шкоберне.
Во Делчево по 10-ти пат се одржа манифестацијата „Вапцарови бранувања“ на која со свои творби се претставија автори од Делчево.
Ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ е добитник на три награди за претставата „Љубовни пози на историјата“ (Figurae veneris historiae) од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска, на синоќа завршениот 15. Меѓународен фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора.
Романот „Бусола“ од францускиот писател Матијас Енар, што ја доби наградата „Гонкур“ во 2015 година, излезе од печат деновиве во издание на „Антолог“ од Скопје. Преводот на македонски е на Владо Ефтимов.
На меѓународниот фестивал „Утринска ѕвезда“, кој се одржа викендов во бугарскиот град Банско, возрасната група на драмското студио „Дон Кихот“ од Гевгелија го освои првото место со претставата „На здравје“ што ја режираа сестрите Даниела и Катица Џишеви.