Францускиот претседател Емануел Макрон се сретна со колегата од Нигерија Мухамед Бухари, да договорат заеднички активности против исламистичките групи во Западна Африка.
Ирските власти забранија наводнување тревници и градини во областа на Даблин поради необичната суша во земјата, која е позната по зеленилото.
Во интервју за германски „Билд“, унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека е подготвен за разговори со Германија по прашањето на мигрантите, доколку Германија претходно постигне договор за ова прашање со Австрија.
Џејн Хол Лут од Обединети нации ќе ги повика сите страни вклучени во напорите за обединување на етнички поделената држава Кипар, со цел да утврди дали се остварени услови за продолжување на мировните преговори, најави заменик портпаролот на ОН, Фархан Хак.
Портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли изјави дека претседателот Доналд Трамп на Самитот на НАТО ќе им каже на земји членки дека САД не можат да бидат „касичка прасичка“.
Словенечката Влада планира да побара дополнителни објаснувања од Германија и Австрија за потезите кои планираат да ги преземат на границите во врска со секундарните миграции, соопшти словенечкото Министерство за внатрешни работи.
Најмалку 24 луѓе загинаа во близина на брегот на индонезискиот остров Сулавези при вчерашното потонување на траект.
Во анализа изработена од страна на Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат се наведува дека Русија и рускиот претседател Владимир Путин лично работеле да влијаат на претседателските избори во 2016 година.
Британската полиција информираше дека се случил сериозен инцидент во градот Ејмсбери, во кој две лица биле пронајдени во бессознание.
Во Варшава и повеќе други полски градови вчера се одржаа протести против одлуката да бидат пензионирани безмалку половина од судиите во Врховниот суд.