Босанските муслимани изразија незадовоство од вчерашната одлука на Апелацискиот суд во Хаг, кој пресуди дека Холандија е „делумно одговорна“ за смртта на околу 300 Бошњаци, кои војници од холандскиот контингент на ОН ги протерале од базата на мировниците на Светската организација во близина на Сребреница, откако градот беше заземен од силите на босанските Срби во 1995 година.
Претседателката на организацијата „Мајки на Сребреница“, која ги претставува интересите на жените чии сопрузи и синови беа меѓу околу осумте илјади мажи и момчиња убиени од страна на силите на босанските Срби при масакрот во овој босански град во јули 1995 година, Мунира Субашиќ изјави дека ваквата пресуда е срамна и дека за нив е неприфатлива.
Претседателот на Асоцијацијата на жртвите и сведоците на геноцидот во Сребреница, Мират Тахировиќ оцени дека Судот се обидел „максимално да ја ослободи Холандија од вината и да ја минимизира нејзината одговорност“.
– Судската одлука сепак е правна потврда за коодговрноста на Холандија за геноцидот во Сребреница, додаде тој.
Апелацискиот суд во Хаг вчера ја потврди пресудата на Окружниот суд во Хаг од пред три години, според која, холандските мировници требало да ги заштитат 300-те Бошњаци засолнети во базата. а не да им ги предадат на силите на босанските Срби. Според пресудата, холандските мировници „можеле да знаат“ дека силите на босанските Срби ќе ги убијат мажите кои побарале засолниште во базата во селото Поточари, доколку бидат принудени да ја напуштат.