Меѓународниот арбитражен суд во Хаг денеска треба да ја објави својата одлука во врска со граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија во Пиранскиот Залив.
Во пресрет на одлуката на Арбитражниот суд, словенечкиот премиер Миро Церар во вторникот изјави дека Словенија ќе ја почитува пресудата и ја отфрли можноста за нови преговори со Загреб околу граничниот спор.
Во изјава за љубљанскиот весник „Дело“, Церар нагласи дека по арбитражната пресуда, Словенија ќе преговара со Хрватска само за начините за спроведување на судската одлука, но не и за границата.
Загрепските медиуми јавија дека Церар денеска ќе присуствува на посебна седница на Комисијата за надворешна политика на словенечкиот Парламент, кој ќе се одржи во т.н. „глува соба“, односно просторија во која постои техничка заштита од можно прислушување.
Претседателот на словенечкиот Парламент, Милан Брглез вчера изјави дека објавувањето на арбитражната пресуда ќе биде „трета судбинска“ одлука во историјата на Словенија.
– Првата беше кога Словенија се осамостои пред 26 години, втората кога во 2004 година влезе во ЕУ и НАТО, а третата ќе се случи в четврток, кога ќе биде одредена нашата конечна граница со Хрватска, порача Брглез.
Тој ги повика словенечките граѓани да не наседнуваат на можни провокации и лажни вести кои најверојатно ќе се шират во врска со арбитражата, туку само да им веруваат на „официјалната одлука на Арбитравниот суд, на словенечката Влада и на Парламентот“.
За разлика од Љубљана, според која смета дека денеска е „Денот Д“ и дека арбитражната пресуда нема алтернатива, властите во Загреб досега во неколку наврати најавија дека одлката на Арбитражниот суд нема да има никакво значење за Хрватска.
Хрватска ја напушти арбитражата со еднострана одлука на Хрватскиот сабор во 2015 година и оттогаш се залага за изнаоѓање нов формат на преговори со Словенија за надминување на граничниот спор.
Спорот меѓу Словенија и Хрватска датира уште од 1991 година и се однесува на суверенитетот на речиси ненаселена територија од 13 километри квадратни и на граничната линија во водите на Пиранскиот Залив, од што зависи дали Љубљана ќе има директен излез на отворено море.
Поради спорот, Словенија ги блокираше преговорите за членство на Хрватска во ЕУ речиси 10 месеци, по што Загреб се согласи на судска арбитража.