Земјотресот со магнитуда од 5 степени според Рихтеровата скала што попладнево во 13:18 часот го потресе охридскиот регион, ги вознемири охриѓани и туристите во градот, кои излегоа пред своите домови и објектите каде што престојуваат.
На некои објекти забележани се помали оштетувања и напукнувања, а жителите на Охрид и околните места се жалат на мирис на сулфур.
Епицентарот на земјотресот бил 10 километри источно од Охрид, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно- математичкиот факултет во Скопје.
Според досегашните податоци, земјотресот е почувствувн во епицентралното подрачје со интензитет од VII-VIII степени според Европската макросеизмичка скала. Со помали интензитети, земјотресот е почувствуван на цела територија на Република Македнија и околните земји.
Четириесеттина минути по овој, е регистриран уште еден потрес со магнитуда од 3 степени според Рихтер.
Според досегашните информации, земјотресот предизвикал и помали материјални штети, а примени се околу 20 пријави за настанати штети.