Порака дека Атина бара едно име кое ќе важи и за внатрешна и за билатерална и за употреба во ОН упатува грчкиот премиер преку интервјуто под наслов „Ако постои можност, ќе биде национална глупост да не ја искористиме“, за неделното издание на весникот „Етнос“. Алексис Ципрас, како што јавува дописникот на МИА од Атина, говори опширно и детално за прашањето за името, вели дека по политичката промена кај нас гледа влада која изјавува дека е решена да направи чекори, но додава дека останува тоа да се покаже во пракса.

– Решавањето значи заемно прифатливо сложено име за севкупна употреба. А севкупна употреба значи дека не може да се вика различно во нашите билатерални односи и во ООН, а друго да е уставното име. Во однос на НАТО и ЕУ, работите се јасни. Интеграција во НАТО или отпочнување пристапни преговори за соседната земја ќе има само со решение на името, вели Ципрас за „Етнос“, пренесува МИА.

Во однос на денешните демонстрации во Солун, грчкиот премиер објаснува дека ја почитува чувствителноста на неговите сонародници од северна Грција, велејќи дека и тој е полу Македонец, затоа што мајка му се родила и пораснала во грчката област Македонија, од родители бегалци од источна Тракија. Но, додава дека националните интереси не се бранат со протести, туку со преговарачка способност, со меѓународни сојузништва, со поставени цели и со трезвеност.

– Веќе 25 години соседите се признати од многу земји под името Република Македонија. Ние секаде се бориме сите да ги нарекуваат пјРМ, односно со сложеното име што го содржи терминот Македонија, но без никаква одредница што би го спречила присвојувањето и на географијата, но и на историјата. Значи, доколку постои можност за решение што ќе ги отстрани овие негативни факти што ни ги наметнаа во 1992, тогаш ќе биде национална глупост да не ја искористиме, објаснува грчкиот премиер.

Алексис Ципрас во интервјуто за „Етнос“ вели дека спорот за името не е внатрешно прашање, туку европско и меѓународно и уште еднаш потенцира дека за официјална Атина, главната тема е иредентизмот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2018 20:55