Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Приштина вели дека постигнувањето договор меѓу Косово и Србија е во рацете на овие две држави, но им порача на преговарачите дека „не можат да имаат неограничена слобода на дејствување“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во одговорот на прашањето на „Газета Експрес“ за најавите на некои од учесниците во преговорите за промени на границите, Амбасадата на САД изрази очекување од Приштина и Белград да постигнат стабилен договор, кој нема да предизвика тензии на Балканот.

- Косово и Србија треба да постигнат договор кој е спроведлив, опстоен и нема да создава нестабилност во било која од државите или во регионот, се вели во одговорот на амбасадата.

Освен што нема да дозволи простор за планови кои предизвикуваат дестабилизација, Вашингтон јасно порачува дека страните нема да имаат неограничена слобода во одлучувањето за судбината на нивните држави, пишува приштинскиот портал.

- Ќе го следиме мошне сериозно и мошне внимателно тоа за што ќе се договорат страните. Тоа не подразбира неограничена слобода на дејствувањето, се вели во одговорот на дипломатското претставништво на САД.

Според приштинскиот медиум, изјаснувањето на официјален Вашингтон доаѓа по еден релативно долг период на молк, што остави простор за шпекулации, кои ги објавуваа косовските и српските медиуми, дека постојат скришни планови, меѓу луѓе блиски до американскиот претседател Доналд Трамп и одредени кругови во Русија, за поделба на Косово.

Со денешното изјаснување, пишува „Газета Ексрес“, Амбасадата на САД во Приштина ги демантира таквите шпекулации и се приклучи на најголемите европски земји, кои ја осудија реториката за „корекција на границите“, која интензивно ја промовира косовскиот претседател Хашим Тачи. Идеите на Тачи наидоа на индиректна поддршка и од претставници на официјален Белград, така што, на пример, српскиот претседател Александар Вучиќ во последно време зборуваше за потребата од „разграничување со Косово“, а слични идеи промовираше и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2018 18:16