Словенечкиот парламент денеска го избра поранешниот комичар Марјан Шарец за мандатар за состав на новата влада.

Шарец (40), чија Листа на Марјан Шарец (ЛМШ) освои второ место на изборите на 3 јуни, доби поддршка од 55 од вкупно 90 пратеници во парламентот.

Тој така го „турна во втор план“ поранешниот премиер Јанез Јанша, чија антиимигрантска Словенечка демократска партија (СДС) освои најмногу гласови на јунските избори, но не успеа да собере доволно партии за да формира коалиција на десен центар.

Поранешниот актер и комичар, кој оваа година заврши втор мандат на функцијата градоначалник на Камник во северна Словенија, има 15 дена да формира влада составена од пет партии од коалицијата на левиот центар, која ја предводи неговата партија, што ќе зависи од поддршката на Левица.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2018 16:05