Лидерот на албанските опозициски демократи Љуљзим Баша, реагирајќи на последниот извештај на американската разузнавачка агенција ЦИА во кој се наведува дека Албанија останува клучна земја за перење пари, трговија со оружје, наркотици и мигранти, изјави дека „Албанците не заслужуваат премиер поврзан со организираниот криминал“.
Реакцијата на Баша е преку видео снимка на социјалните мрежи во која тој посочува дека Албанија е главен извор на канабис, наведува бројки на запленети тони марихуана и обвинува дека не е упасен ни еден шеф на нарко шверцот.
- Независно од тоа што годинава се запленети над 30 тони марихуана во Албанија, Италија и Грција, во Албанија не е уапсен ниту еден нарко шеф, бидејќи гарант за нивната недопирливост е токму Владата на Еди Рама. Затоа Албанците не заслужуваат премиер поврзан со организираниот криминал, наведува Баша.
Тој го обвинува Рама дека ги излажал албанските граѓани, ЕУ и САД со прогласувањето победа во борбата против канабисот и бришењето на Албанија од мапата на производител на ова наркотично растение.
- Министерството за внатрешни работи не врши анализа на запленетата дрога за да ја скрие вистината дека Албанија продолжува да биде рај за криминалот за огледување на канабис, обвинува Баша.
Според него, запленетите големи количества канабис произведен во Албанија од страна на полициите на трите држави, докажуваат дека канабисот е засаден во изминатите месеци од годинава и оти организираниот криминал е под заштита на политиката, во чие заложништво е државата.