Српскиот вицепремиер Расим Љајиќ денеска изјави дека следниот состанок на претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи во Брисел е од клучно значење за решавањето на косовското прашање и оти по тој состанок ќе биде појасно дали проблемот ќе се реши или ќе биде уште еден неуспешен обид.
Љајиќ заТВ Прва изјави дека Тачи е во потешка положба од Вучиќ, бидејќи сите во Косово се против решавањето на косовското прашање.
- Опозицијата во Косово користи слична реториката како поголемиот дел од јавноста во Србија, затоа што кажуваат дека им одговара замрзнатиот конфликт, да не преговараат по 20 - 30 години, бидејќи времето работи за нив, додека на Србија и е во интерес да се преговара, истакна Љајиќ.
Тој додаде дека не е оптимист оти косовското прашање ќе се реши брзо, бидејќи во Приштина преовладува верувањето дека Србија во преговорите може да добие повеќе од она што сега го има, а Косово ќе мора да направи отстапки за да се дојде до решение.
Љајиќ оцени дека сите во српската Влада се согласуваат дека косовското прашање мора да се реши и дека сите опции се легитимни, освен војната и прифаќањето на замрзнат конфликт.