Во периодот јануари-јули забележани се позитивни економски показатели во албанската економија, бидејќи извозот се зголемил за 16,8 отсто додека увозот пораснал за само 4,8 отсто, што доведе до намалување на трговскиот дефицит за пет отсто споредено со истиот период минатата година.
Според државниот Институт за статистика (ИНСТАТ) земјата најмногу тргувала со Шпанија, Косово и Италија, додека трговската размена бележи пад со Кина и Турција.
Во месец јули забележан е раст во извозот, кој достигнал вредност од 27 милијарди леки. Споредено со истиот месец лани извозот пораснал за 7,9 отсто, а за 0,2 отсто е поголем и споредено со месец јуни годинава.
Во седумте месеци од годинава Албанија извезувала градежни матерјали, метали, руда, запалливи средства, електрична енергија и текстил, а увезувала најмногу машинерија а на почетокот од годинава електрична енергија, поради неповолната хидрологија во тој период.
Од извештајот на ИНСТАТ индикативен е фактот што зголемен е извозот кон Шпанија, Косово и Италија, како и тоа што Албанија го намалила увозот од Кина,Турција и Украина.
Од вкупниот извоз 77,2 отсто отпаѓа на извозот кон земјите од Европската унија, додека увозот од земјите на ЕУ изнесува 62,1 проценти.