Ако политичките сили во земјата гласаат врз основа на јасни политички критериуми и идеологии, Договорот ќе помине со доста широко парламентарно мнозинство, вели министерот без ресор и портпарол на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за државната телевизија ЕРТ.
- Што се однесува до македонското прашање, доколку се исполнат предусловите од соседната земја, ќе дојде во грчкиот Парламент, ќе помине со доста широко парламентарно мнозинство, доколку политичките сили гласаат, не врз база на внатрешно политичките намери и цели, туку врз база на идеологии и јасни политички критериуми, рече Ѕанакопулос за грчката телевизија ЕРТ.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на ставот на коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос, дека нема да гласа за Договорот од Преспа, но и дека ќе ја урне Владата, Ѕанакопулос ја повтори изјавата на лидерот на Независни Грци дека според договореното по изборите во 2015, со Алексис Ципрас ќе оди до крај на четиригодишниот мандат.