Пратеничката на опозициското Движење Самоопределување (ВВ) Фиторе Пацоли бара на косовскиот претседател Хашим Тачи да му се забрани да се врати во Косово, поради неговото залагање за поделба на земјата и размена на територии со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи, според пратеничката од редовите на партијата на Албин Курти, не ги претставува интересите на косовскиот народ и „веќе не е претседател на Косово“.

- Тачи вчера во Австрија ни кажа дека веќе немаме зошто да ги консултираме нашите пријатели од меѓународната заедница, бидејќи тој и неговиот пријател (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ одлучуваат за иднината на Косово и за нашата иднина. (...) Затоа на Тачи треба да му се забрани враќањето во Косово. Тачи веќе не е претседател на Косово, напиша Пацоли на Фејсбук.

Косовскиот претседател и неговиот српски колега, заедно со други лидери од регионот и претставници на Европската унија, учествуваат на Европскиот форум во австрискиот град Алпбах, каде што ги повторија нивните заложби за „корекција на границите“, како што тоа го нарекува Тачи, односно за „разграничување“ помеѓу Косово и Србија, за што декларативно се залага Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2018 00:15