Без присуство на шефовите на владите на Србија, Босна и Херцеговина и на Македонија во Драч заврши неформалниот состанок на премиерите на земјите од Западен Балкан.
На него беа разгледани прашања за регионалната економска интеграција, отстранувањето на царинските бариери и создавањето нови работни места.
Домаќин на настанот беше албанскиот премиер Еди Рама, а присуствуваше и комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
Еднодневната средба се одржа зад затворени врати и, како што објавија албанските медиуми, фокусот беше ставен на создавање заедничка визија за Стратегијата за европска интеграција, за спроведување и зајакнување на регионалната економска зона и Договорот за роаминг.
Премиерите на земјите од Западен Балкан ветија да ги забрзаат напорите за создавање заедничка економска зона пред нивната интеграција во Европската унија.
Домаќинот на средбата, албанскиот премиер Еди Рама поздрави „поразлично ниво на политичка волја и соработка во регионот". Тој додаде дека тоа не е придружено со „истото ниво на економска соработка".
Еврокомесарот Хан, рече дека ова е втора средба и најверојатно ќе стане традиционална и дека е важно да се промовира регионот како поле за туризам, земјоделство и понатамошен развој на енергетскиот сектор, каде има неискористен потенцијал.
Претседателот на Европската банка за обнова и развој,ЕБОР, Сума Чакрабарти вети зајакнување на инвестициите во регионот.
ЕБОР планира да организира самит на земјите од Западен Балкан следната година во Сараево.
Првиот неформален состанок на премиерите од западен Балкан се одржа лани на 26 август во Драч.на кој присуствуваа и премиерите на Македонија,БиХ и Србија.