Во македонското прашање, со многу големи напори успеавме да стигнеме до историски договор според националната линија и зачувувајќи го националниот интерес, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас, говорејќи за „Грција во новата ера“, што воедно беше и темата на неговото обраќање, на денешниот состанок на централниот комитет на СИРИЗА.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас зборуваше за постигнатите успеси на партијата во изминатите три и пол години колку што е на власт, се осврна и на надворешната политика, а упати и остри критики до опозициската Нива демократија, без директно да ја спомене.
- Во македонското прашање со многу големи напори успеавме да стигнеме до историски договор задржувајќи ја над едно децениската национална линија, зачувувајќи го националниот интерес и нашата историја. И во ова големо прашање, некои останаа со подотворени усти, откако едно 20ина пати променија позиција. Понеделник, среда, петок сложено име и линија од владата на Караманлис. Вторник, четврток, сабота националистички делириум и аргументи од Златна зора, рече грчкиот премиер пред членовите на Централниот комитет на СИРИЗА, упатувајќи критики до најголемата опозициска партија.
Ципрас објасни дека во изминатите години инвестирале во активна, повеќе димензионална надворешна политика, „со отворени канали, но и со целосен приоритет во обезбедувањето на суверените права“.
- Знаеме дека позицијата што ја одбравме има и политичка цена, секако привремена, бидејќи според резултатите, завршува секогаш во корист на националните интереси, рече Ципрас за надворешната политика што ја следи актуелната грчка влада.
На денешниот состанок на Централниот комитет на СИРИЗА, Алексис Ципрас го претстави неговиот предлог за нов секретар на партијата. Како што и се споменуваше, но и како што веќе објави МИА, министерот за внатрешни работи Панос Скурлетис е кандидатот за секретар на СИРИЗА, а со тоа се отвора и патот за реконструкција во владата во следните денови.
Грчкиот премиер во речиси 50 минутниот говор пред неговите сопартијци, акцентот го стави на новата ера во која влегува земјата по завршувањето на последната програма со финансиска поддршка. Рече дека во 2015, на последните избори, грчкиот народ ѝ дал мандат, време и сила на владата за битка, а владата успеала да ја заврши тешката мисија - излез од меморандумите, со што почнува нова ера за земјата.
- Нашата визија за Грција по и од искуството со големата битка за излез од меморандумите веќе е посилна и пофункционална. Грција треба да стане и ќе стане современа, прогресивна, европска земја со протагонисти живите сили на општеството, порача грчкиот премиер.