Пред претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, во присуство на премиерот Алексис Ципрас новите членови на грчката влада положија свечена заклетва во претседателската палата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, свечена заклетва положија вкупно 19 министри, заменици и алтернативни министри, меѓу кои 13 се нови, а останатите добија нови функции и позиции.

Дел од нив, вкупно седум одбраа религиозна свечена заклетва пред епископот Клими, а другите 12 - политичка.

Традиционално по секоја свечена заклетва, следи примопредавање на функциите во министерствата, а новиот владин состав одржува министерски состанок.

Прва владина седница се очекува да се одржи утре.

Тоа е трета реконструкција во владата на Ципрас, а е прва пост-меморандумска влада која веројатно ќе ја одведе земјата до избори кои регуларно треба да се одржат наесен следната година.

Како што вчера објави МИА, реконструираната грчка влада, освен премиерот Алексис Ципрас, има 52 члена, 39 мажи и 13 жени, но и 13 нови имиња. Промени не беа направени во раководствата на министерства како што - за надворешни работи, за одбрана, за финансии, за труд и социјала, за туризам, транспорт и врски, миграциска политика.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2018 15:18