Косовскиот претседател Хашим Тачи ја нападна опозицијата и дел од невладините организации во земјата, кои ги обвини дека се „злонамерни кон подршката на Косово од нејзините сојузници“, Соединетите Американски Држави (САД), Германија, Франција, Италија, Англија и други земји од Европската унија (ЕУ), во намерата за постигнување договор со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на Фејсбук, по повод најавата за вонредна собраниска седница пред продолжувањето на преговорите со Србија, тачи напиша дека „од прогласувањето независност до денес, Косово никогаш немало поголемо меѓунаордно внимание“, а сите негови сојузници се ангажирани „за постигнување мировен договор со Србија“.
Според него, „бескрупулозната пропаганда против сојузниците“, како што го нарекува противењето на опозицијата и на граѓанските организации на неговите најави за размена на територии со Србија, кои тој ги нарекува „корекција на границата“, е “опасна и срамна“.
- Нема поголема несреќа за косовската држава и граѓаните од тоа кога некои опозициски партии или индивидуи ја доведуваат во прашање поддршката на САД и на нашите главни сојузници. (...) Единственото зло кое може да му дојде на Косово е од оние кои не сакаат мировен договор со Србија, кои не сакаат зачленување на Косово во ЕУ, НАТО и Обединетите нации, напиша Тачи.
Тој повторно се заложи за референдум на кој косовските граѓани ќе кажат, како што рече, „дали се за мировен договор со Србија, кој на Косово ќе му обезбеди зачленување во ЕУ, НАТО и ООН, или сакаат да живеат во непријателство со соседните држави и во изолација“.
Косовскиот претседател, во денешната објава на Фејсбук, со ниеден збор не ги споменува неговите заложби за „корекција на границите“, односно припојување на Прешевската Долина кон Косово и барањата на неговиот српски колега Александар Вучиќ за „разграничување со Косово“, односно припојување кон Србија на косовскиот север.
На ваквите заложби на двајцата претседатели и нивните тимови за прекројување на границите се спротивставува пошироката косовска јавност, косовската опозиција, но и две од трите албански партии на власт – Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот РамушХарадинај и Иницијативата нза Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај. Единствено партијата која Тачи ја основа, Демократската партија на Косово (ПДК) го поддржува да ги продолжи преговорите со Белград.
Против прекројување на границите се изјаснија и најголем дел од западните сојузници на Косово, странски аналитичари и речиси сите западни дипломати, како и германската канцеларка Ангела Меркел.
Косовската опозиција се обедини во иницијативата за вонредна собраниска седница, која ќе се одржи на 4. септември, три дена пред продолжување на дијалогот Тачи-Вучиќ во Брисел, со цел да се донесе резолуција со која на косовскиот претседател или било кој друг ќе му се забрани да преговара за територијалниот интегритет на Косово. Иницијативата на опозицијата ја поддржаа и владејачките ААК и Нисма.