Граѓански протест со барање за оставка од државниот јавен обвинител на Косово, Александер Љумези, организиран и поддржан од голем број невладини организации, се одржа вчера попладне вторпат во Приштина, јави дописникот на МИА.
Освен од Љумези, учесниците на вчерашниот протест на приштинскиот плоштад бараа оставка и од премиерот Рамуш Харадинај, поради нивното спречување на правдата во случаи кои пред неколку недели ги обелодени специјалниот обвинител Елез Бљакај, кој поради притисоците од државниот врв во истраги во кои е можна инволвираност на државни функционери и други моќници, поднесе оставка на функцијата и отпатува во САД.
Бљакај во отвореното писмо од Вашингтон, каде што престојува на специјалистички студии со стипендија од Американската амбасада во Приштина, порача дека ја напушта функцијата во Специјалното обвинителство затоа што одбива да работи во „политизиран правен систем“.
Тој наведе дека државниот обвинител директно му наложил да внимава кого од политичарите ќе инволвира во истрагата за лажни воени ветерани, а веднаш потоа во јавноста се појави писмо во кое премиерот Харадинај му дава упатства како да ја води истрагата и бара да го известува за текот и резултатите од истата.
Љумези и Харадинај ги отфрлија обвинувањата и упатија низа навреди на сметка на Бљакај.
Случајот со специјалниот обвинител предизвика бурни реакции во косовската јавност, што резултираа со двата протести во центарот на Приштина и со продолжен притисок од голем дел од медиумите и граѓанското општество врз државниот обвинител Љумези за оставка од функцијата.
Организаторите најавија дека ќе продолжат со протестите се додека државниот обвинител, за кого велат дека, наместо да ги гони, ги штити политичките моќници, не поднесе оставка.