Споменувањето македонска нација е спротивно на кој било договор и го прави бесен грчкиот народ, кој ќе го има и последниот збор без разлика на референдумот и уставните измени, рекол Панос Каменос во неговото обраќање на неформалниот Самит на министрите за одбрана на ЕУ во Виена.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, според соопштението од грчкото Министерство за одбрана, Каменос, кој воедно е и коалиционен партнер во Владата на премиерот Алексис Ципрас, рекол дека македонскиот државен врв излегува со „провокативни изјави“.
- Во неговото обраќање истакна дека скопските функционери, самиот нивни премиер и министерот за надворешни работи, со провокативни изјави против Грција спречуваат било каков напор за изнаоѓање решение. Споменувањето „македонска нација“ е спротивно на секој договор. Единствено што постигнуваат е да го налутат грчкиот народ, кој ќе го има последниот збор, без оглед на референдумот и уставните измени во Скопје, соопштуваат од Министерството за одбрана на Грција.