Косовскиот претседател Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај, претседателот на Собранието Кадри Весели и другите државни раководители им го честитаа на косовските граѓани гласањето за визна либерализација во Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни прашања – ЛИБЕ на Европскиот парламент (ЕП), јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи на Фејсбук напиша дека одлуката на Комитетот е правична, иако долгоочекувана.

- Се повеќе се доближуваме кон конечната одлука, која долго ја очекуваме, за да се отсранат пречките за слободно движење и за нашите граѓани во шенген зоната, напиша Тачи.

Харадинај оцени дека одлуката е резултат на обемната работа на косовските институции, посебно во правец на јакнење на владеењето на правото.

- Сигурно е дека ќе се затвори успешно целиот процес, овозможувајќи им на нашите граѓани слбодно движење во земјите на Европската унија, напиша премиерот, изразувајќи посебна благодарност до известувачката за визната либерализација во ЕП Тања Фајон.

Парламентарниот спикер Весели изрази уверување дека процесот на визна либерализација ќе се заврши до крајот на годинава.

- Ова е заслужена вест за граѓаните и чекор кон конечната одлука од страна на ЕП и Советот на министри на ЕУ. Косово ги исполни сите услови и ние очекуваме во текот на годинава нашите граѓани да се движат слободно во шенген зоната, напиша Весели.

Честитки до граѓаните на Косово за позитивното гласање за укинување на визите упатија и шефот на дипломатијата и вицепремиер Беџет Пацоли, вицепремиерот Фатмир Лимај, министерката за европски интеграции Дурата Хоџа и други.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 13:54