Косовскиот државен врв се состана денеска по втор пат, за, како што беше најавено, да расправа за претстојната средба на претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Алексанар Вучиќ, закажана за 7. септември во Брисел.

Меѓутоа, како што јави дописникот на МИА од Приштина, ниеден од учесниците по завршувањето на состанокот не даде изјава за медиумите.

По утринската средба во косовското собрание, на која присуствуваа Тачи, премиерот Рамуш Харадинај, претседателот на Собранието Кадри Весели и вицепремиерите Беџет Пацоли, Фатмир Лимај и Дардан Гаши, вториот состанок попладнево се одржа во претседателскиот кабинет.

На средбата кај Тачи изостана Пацоли, но затоа, пак, учествуваше американскиот амбасадор во Приштина Грег Делави.

По утринската средба кај Весели, единствено се огласи премиерот Харадинај, кој им изјави на новинарите дека е договорено во Брисел воопшто да не се разговара за размена на територии меѓу Косово и Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 17:22