Пратеникот на опозициската Алтернатива во косовското Собрание Илир Деда изјави дека претседателот Хашим Тачи успеал да го постигне тоа што српската дипломатија се обидува да го направи веќе три децении и треба да се разреши, јави дописникот на МИА од Приштина.
Деда го обвини Тачи дека го подели Западот на два различни кампуси - на оние кои се за корекција на границата и оние кои се против таквата идеја.
- Кога еден цел дипломатски механизам се поместува од 30-годишните принципиелни позиции, враќањето назад е многу тешко. Ова го прави Косово губитник во секоја варијанта, бидејќи го конфронтира со малубројните, разединети, западни сојузници, напиша Деда на Фејсбук.
Според него, единствено решение за излез од оваа ситуација се масовните протести и апсолутниот глас во Собранието на 4 септември против намерата на Тачи за размена на територии со Србија.
- Нам ни останува овој пат: Апсолутен глас против лудилото на Тачи на 4 септември и масовни граѓански протести; негово разрешување и избор на нов претседател; договор за нови парламентарни избори; целосен консензус за натамошниот пат во дијалогот со Србија, кој ќе го води новата Влада на Косово заедно со новото парламентарно мнозинство, оцени Деда.