Поради преместување на водата од едната на другата страна, но и поради отстранувањето на камионите, бродот во кој е во тек гаснењето на пожарот, се навалил за седум степени на десната страна и според грчките медиуми, бил евакуиран, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, сега се работи на отворање нови дупки за празнење на бродот од насобраната вода за гаснење на пожарот.
Како што претходно објави МИА, денес значително се намалени жариштата и чадот од пожарот во гаражата на бродот „Елефтериос Венизелос“.
Грчките пожарникари веќе трет ден се обидуваат целосно да го изгасат пожарот и да ги отстранат возилата од бродот. Гаражата досега ја напуштија поголем број камиони, дел од нив со претрпена значителна материјална штета, додека пак дополнително ќе се знае дали и колку од автомобилите биле зафатени од пожарот
И понатаму се непознати причините за пожарот што се појави во гаражата на бродот, во вторникот, 15 минути пред полноќ, додека пловеше од Атина кон островот Крит.
Во бродот се наоѓаа вкупно 1.015 лица, 875 патници и 140 членови на екипажот, кои беа евакуирани, а превезуваше и 80 камиони и 152 возила.