Грција ќе продолжи да води повеќе димензионална и активна надворешна политика за да се зацврсти сликата на една земја фактор на стабилност, но и фактор на решенија за меѓународните проблеми, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас во говорот на почетокот на владината седница, кусо споменувајќи ја и надворешната политика како дел од приоритетите на Владата во новиот постмеморандумски период.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас, во неговото обраќање на првата владина седница, како по завршувањето на последната програма за финансиска помош на Грција, така и по реконструкцијата на владата, рече дека „по чистиот излез на земјата од меморандумите се наоѓаме во нова фаза, соочени со нови предизвици, но и со нов состав на министерскиот совет“, а акцентот го стави на економијата и реформите.
Тој говореше за економските предизвици, за тоа што граѓаните очекуваат од Владата, за приоритетите на постмеморндумскиот период, за создавање на позитивна средина за инвестиции, но и за неопходните реформи, кои што се од клучно значење и кои треба да се завршат.
Економијата, катастарот, управување со средства, дигитализација на администрацијата, транспарентност, се дел од областите кои Ципрас ги спомена како важни и во кои треба да продолжат и да се финализираат реформите.
- Како прв приоритет го поставуваме регулирањето на пазарот на трудот и зголемување на минималната плата. Основните принципи на колективното договарање веќе се вратени, криминалот на пазарот на работна сила е намален, но пред нас имаме уште многу работа за борба со работата на црно, посочи Ципрас.
Грчкиот премиер, индиректно го коментираше и новиот владин состав и влезот во Владата на поранешни членови на ПАСОК и Нова демократија.
- Сите ние што се наоѓаме на ова министерска маса, левичари, еколози, централно-левичари, но и централно-десничари, перспективата на социјалната правда во која веруваме сите ние што сме овде, е она што не разликува од силите на екстремниот неолиберализам, наведе Ципрас.