Против Договорот од Преспа, на мирен и решителен начин, без партиски обележја и без говорници, грчките организации од дијаспората и „Комисиите за борба за Македонија“ ги повикуваат Грците во сабота, во 19 часот, да излезат на протест во Солун, за време на отворањето на Меѓународниот саем.

„Сите со грчки знамиња во рака, дојдете да го преплавиме Солун по повод присуството на премиерот Ципрас на отворањето на Меѓународниот саем. Собирот ги засега сите Грци, затоа што не треба да се дозволи словенизација на македонскиот хеленизам што води кон отстапување на грчки територии“, пишуваат организаторите во соопштението.

Организаторите се истите кои стоеја зад протестите во Солун и Атина, во јануари и февруари годинава. Паралелно, изработија и видео спот, јави дописничката на МИА од Атина, .

„Македонија не се отстапува. Македонците не потпишаа ништо. Договорот од Преспа е неважечки“, порачуваат организаторите, преку видео повикот за протестот.

Веќе се организираат и автобуси од повеќе грчки градови за Грците кои што сакаат да учествуваат на протестите, а цените на билетите се движат од пет до 25 евра во зависност од оддалеченоста на градот.

Следниов викенд, вниманието на грчката јавност ќе биде насочено кон Солун, каде што секоја година, на отворањето на традиционалниот меѓународен саем, се обраќа премиерот на земјата, ја презентира агендата и политиката на владата за следниот период, а следниот ден премиерот одговара на новинарски прашања на прес конференција.

Освен протестите против Договорот од Преспа, демонстрации најавуваат и грчките синдикати против владината политика.

За да се избегнат и спречат било какви проблеми или инциденти, секоја година, за Солун заминуваат голем број полициски сили, но сега, според грчките медиуми, овој број ќе биде поголем во споредба со лани. Најверојатно, над 3.500 полицајци од повеќе грчки градови ќе се грижат за безбедноста во Солун.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2018 10:19