Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека се бара решение за косовското прашање и оти разграничувањето со Албанците е само една идеја, но дека нема други идеи.
Тој додаде дека сега сите ја отвораат вратата за дијалог, но оти сигурно нема да се дискутира за две работи - Косово да биде автономно во рамките на Србија и Србија да го признае еднострано прогласеното Косово.
- Се бара компромис. Сега сме во таа фаза, но се поставува прашањето што е тоа компромис. Разграничувањето е една од идеите. Нема други идеи. Затоа во Приштина и во Белград има лавина отпор, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.
Тој оцени дека со таа идеја незадоволни се и европските земји затоа што со тоа се покажува дека тие, сепак, пребрзо ја признале независноста на Косово и сега мора да ги преиспитаат своите одлуки.
Според него, гледано од агол на политички аналитичари, доколку дијалогот не оди во таа насока, може да се очекува да продолжи притисокот врз Србија да го признае Косово вака како што е, и северот да му припадне на Косово.
- Овој притисок ќе се манифестира со забавување на патот кон ЕУ, објасни Дачиќ, додавајќи дека тоа, исто така, може да доведе до можноста некој во Косово да направи планови за косовската „Бура“, дека Србија можеби ќе мора да реагира на тоа, дека може да влезе во конфликт со КФОР, дека Србија може да побара помош од Русија ...
Според него, оние кои се противат на разгрничувањето, треба да знаат дека целовито Косово е можно само како независна држава.
- Ние северот на Косово никогаш нема да го дадеме, тука нема дилема. Што можеме уште ? Немаме територијална поврзаност сите краишта каде што живеат Срби да останат во Србија, рече Дачиќ.