Филмскиот режисер Роман Полански пред извесно време беше обвинет од уште една жена за силување. По тој повод, тој порача дека „медиумите сакаат од него да направат чудовиште” и дека за сè е виновен холивудскиот продуцент и сега веќе осуден сексуален напасник – Харви Вајнстин.
Полански во интервју за „Пари мач“ изјави дека другиот филмаџија „му налепил етикета“ како „силувач на деца”, за неговиот филм „Пијанист” да не освои „Оскар“ 2003 година, на сметка на оскаровскиот „Чикаго“, во кој удел имаше токму Вајнстин.
Инаку, Полански во 1978. пред американските судски органи призна незаконит полов однос со малолетничка. Но, ги отфрла новите обвинувања дека е силувач. Тој го негира тоа дека 1975 година ја силувал и претепал тогаш 18-годишната француска фотографка, модел и глумица Валентине Моние. – Не удирам жени!, нагласи режисерот.
Моние во периодот на премиерата на новиот филм на Роман Полански – „Офицер и шпион” (An Officer and a Spy) ја објави својата приказна.
– Тој (Вајнстин) го ископа случајот со Самта Гејмер, тогаш стар 26 години. Неговиот агент беше прв кој ме нарече силувач на деца… Јас сум навикнат на лаги, „дебелокожец“ сум. Но, на моето семејство тоа тешко му паѓа. Секако, тоа е моја одговорност. Направив грешка во 1977. а моето семејство половина век подоцна ја плаќа цената, вели Полански.
Натаму, тој ги нарече медиумите „неверојатно насилни”. – Се закачуваат за секое лажно обвинување, без обѕир колку е тоа апсурдно, оти така повторно можат да „ја ископаат“ приказната од 1977 година.
Полански е непожелна личност во Холивуд. Живее во Франција и не доаѓа во САД за да не биде уапсен. Исфрлен е од американската Академија на филмски науки и уметности. Французите пак, го сакаат и го бранат. Неговиот нов филм за три седмици прикажување го погледнале милион и пол луѓе.