[photo]

Повеќе меѓународни, регионални и српски медиумски здруженија посочуваат на загрозување на слободата на медиумите во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Регионалната платформа на Западен Балкан за заговарање на медиумските слободи и безбедност на новинарите преку соопштение остро ги осуди заканите упатени до редакцијата на српскиот портал Direktno.rs и повика на брза истрага и санкционирање на сторителите, повикувајќи ги државните службеници да се воздржат од етикетирање на медиумите и новинарите.

На 7 април порталот Direktno.rs доби е-пошта во која се вели: „треба сите да бидете убиени и уништени“.

Уредникот на порталот Игор Велимировиќ изјави за Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) дека ја пријавил заканата и дека полицијата дејствувала професионално и започнала истрага, се нведува во соопштението на НУНС.

Претседателот на НУНС, Жељко Бодрожиќ, во изјавата по овој повод за ТВ Н1 кажа дека власта во услови на вонредна состојба, со злоупотреба на некои мерки, сака „конечно да се справи“ со медиумите што не и се по воља.

-И мислам дека овие напади не се случајни и доаѓаат по нападите на државните службеници врз независните медиуми и обидите да се воведе цензура од страна на владата преку донесениот (па повлечен) „Заклучок“ и да се намали слободата на изразување, рече Бодрожиќ за Н1.

Во текот на 23 дена од вонредната состојаба во Србија поради пандемијата со Ковид 19, НУНС регистрираше 11 закани, додека во првите три месеци од годината имаше осум.

Регионалната платформа за заговарање на медиумските слободи и безбедност на новинарите ги потсети највисоките српски власти дека нивните зборови влијаат кај граѓаните и дека мора да се воздржат од вербалните напади и притисоци врз медиумите.

Меѓународниот институт за печат (ИПИ), со седиште во Виена, во најновиот извештај, наведува дека владите на „загрижувачки голем број европски земји“, особено во Источна и Централна Европа, ја искористиле сегашната здравствена криза како изговор за ограничување на слободниот проток на информации, како и за удар врз независните медиуми, објави Танјуг.


Реакции за загрозување на слобода на медиумите во Србија за време на пандемијата

ИПИ ја рангираше Србија меѓу европските земји чии власти, го ограничиле пристапот до информации на медиумите со преземање чекори од страна на владата за централизирање на сите информации за вирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2020 16:37