Сега го планираме денот потоа, секогаш со главен критериум заштита на јавното здравје. Во секој случај, такво нешто не може да се случи пред 27 април, а мерките ќе се тргаат постепено, вели министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во интервјуто за грчкиот весник „Real news“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Олеснувањето на мерките ќе се утврди според степенот до кој ќе можеме да ги заштитиме ранливите групи на населението и особено старите лица. Тим од 28 водечки специјалисти за заразни болести, статистичари, секојдневно одржуваат состаноци преку видео конференција, вели Кикиљас, објаснувајќи дека април е клучниот месец.

Додава дека она што е важно е сите да сфатат дека мерките на лична заштита и хигиена треба да продолжат и понатаму да се одржуваат без отстапки.

– Мерките за одржување на хигиената дојдоа за да бидат дел од нашите навики. Не заборавајте дека дури и кога ќе дојде до целосно укинување на мерките, Министерството за здравство ќе продолжи да биде во состојба на постојана будност со проверка на контакти, тестови и континуирано информирање на граѓаните, објаснува Кикиљас во интервјуто.

Министерот за здравство на Грција истакнува дека во текот на летото ќе има подготовки и напорна работа, бидејќи следната зима ќе треба да се справиме со два вируси, грипот и коронавирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2020 00:46