Во Косово вчера се потврдени седум нови случаи на заболени од Ковид-19, со што продолжи неколкудневниот тренд на опаѓање на бројката на лица кај кои, по извршените тестирања, е откриено присуството на новиот коронавирус, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК), вклучително вчерашните нови случаи, од кои шестмина се од Призрен и еден од Сува Река, од појавата на епидемијата во Косово се евидентирани вкупно 813 лица кај кои е потврдено присуството на новиот вирус.

Во синоќешното соопштение на косовските здравствени власти се наведува и дека вчера во земјата се потврдени 27 нови случаи на лица кои, по тестирањата два дена по ред, согласно методите на Светската здравствена организација, резултираа излекувани од Ковид-19, со што бројката на тие кои ја пребродиле болеста се зголеми на 298.

Во Лабораторија за молекуларна микробилогија на ИШПК вчера се извршени испитувања на 221 примерок на лица за кои постоело сомневање дека е можно да се заразени од новиот вирус, со што вкупната бројка на досега извршени тестирања достигна до 7.644.

Четврти ден по ред во Косово не е евидентирана ниту една жртва на Ковид-19, така што вкупната бројка на починати од заразата и натаму е 22.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2020 11:22