Том Круз продолжува со снимањето на седмиот дел од филмот „Невозможна мисија”. Но, тоа нема да се одвива во Венеција, Италија, како што првично беше предвидено, туку во Велика Британија, откако Владата во оваа земја дозволи работа на филмските студија затворени поради корона-пандемијата.
Круз имал и видеоразговор со тамошниот министер за култура – Оливер Дауден, којшто потоа во изјава го потврди олабавувањето на ограничувачките мерки. Снимањето ќе продолжи во студијата на „Ворнер брос” во Ливсден, Хартфордшир.
Според протоколите, глумците и филмската екипа ќе треба да работат во изолиран простор и да се движат само во работните простории и местото на престој, а не и на јавни места.
Том Круз, Сајмон Пег, Ребека Фергусон, Винг Рејмс и другите ѕвезди од серијалот филмови, веќе се подготвуваат за новата акциона авантура.
Британецот во побитните неколку ликови, Сајмон Пег вели дека глумецот-каскадер Том Круз (58) не е тип што оди на ризик.
– Тој никогаш не прави ништо без размислување и сите негови актерски акробации се внимателно замислени, обмислени и изведени. Сѐ што прави, е навистина безопасно, нагласи Пег.