Доколку парламентарните избори се одржат неделава најголем процент од албанските гласачи поддршката би ја дале за владеачката Социјалистичка партија (ПС), покажува анкетата на Компанијата за маркетинг и истражување на јавното мислење (ИПСОС), една од водечките компании за анкетирање во светот.

За оваа партија би гласале 48,7 отсто од анкетираните 1.519 албански граѓани, за најголемата опозициска сила, Демократската партија (ПД) се определиле 40,6 отсто од гласачите, додека за третата по големина партија, опозициското Движење за социјалистичка интеграција (ЛСИ) 4,6 отсто. Тоа значи дека за двете опозициски партии, кои потпишаа постизборна коалиција би гласале 45,2 отсто.

Споредено со анкетата од февруари, во оваа анкета поддршката за СП се намалила за 0,8 отсто, за ПД бележи зголемување за 1,3 проценти, додека за 0,5 проценти се намалила подршката за ЛСИ.

На прашањето како гледаат на двајцата лидери, социјалистот Еди Рама и демократот Љуљзим Баша, првиот е во предност и го сметаат за најсилен лидер 62 проценти од испитаниците, додека за најспособен 55 проценти.

На прашањето кого повеќе сакаат да ја води земјата за Рама се изјасниле 39 проценти, додека за Баша 33 проценти.

Парламентарните избори во Албанија ќе се одржат на 25 април.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2021 00:39