Новиот состав на Собранието на Република Косово, кој призлезе од вонредните парламентарни избори одржани на 14 февруари, денеска треба да ја одржи својата конститутивна седница, на чиј дневен ред е изборот на новиот паламентарен спикер и на собраниските потпреседатели, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението од собраниските служби за односи со јавноста, прва точка на денешната седница, според дневниот ред, е верификацијата на кворумот и на мандатите на новите пратеници.

Пред гласањето за нов претседател на осмиот по ред законодавен дом во историјата на парламентарниот плурализам во Косово по војната во 1999 година, според дневниот ред на седницата, треба да се одржи и положувањето заклетва на новите пратеници.

Неофицијално, од извори на партијата Движење самоопределување (ВВ), која извојува убедлива победа на годинешните избори со освоени 50,27 отсто од гласовите, за нов собраниски спикер ќе биде предложен Глаук Коњуфца, една од водечките фигури на партијата предводена од претендентот за иден косовски премиер, Албин Курти.

Конститутивната седница на новото Собрание на Косово треба да започне во 10 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2021 10:59