Руски поморски сили од Балтичката флота се испратени во Црно Море заради вежбата на НАТО, пренесоа руските медиуми. Раководството на руската воена морнарица одлучи да испрати четири брода, меѓу нив и големите десантни бродови „Калининград“, „Минск“ и „Королев“, како и корветата „Бојкиј“. Бродовите на пладне веќе го преминале Ла Манш и се упатени кон југ, јави пловдивскиот весник „Марица“.

Како што јавува дописникот на МИА од Софија, испраќањето на руските бродови во Црно Море не е случајно. Во моментов во Црно Море се одвива поморската вежба на НАТО „Морски штит -21“ во која се вклучени 18 бродови на Алијансата. Покрај американските, во вежбата учествуваат и бугарски, грчки, романски, полски, турски, холандски и шпански бродови од различни класи: корвети, крстарици, разурнувачи, фрегати и други.

Во вежбата „Морски штит-21“ на НАТО учествуваат и 2.400 воени лица, 10 борбени авиони и хеликоптери. Копнениот дел од вежбата се одвива во Романија. НАТО вели дека целта на вежбата е да се зголеми соработката меѓу Воено поморските сили на Романија и сојузничката морнарица.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2021 14:29