Грција е НАТО сојузник од клучно значење и близок пријател на САД, обезбедувајќи стабилност и активно придонесувајќи кон мирот и просперитетот во Источниот Медитеран, Црното Море и на Западен Балкан, пишува американскиот претседател Џо Бајден до неговата грчка колешка Катерина Сакеларопулу во пораката по повод националниот празник на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Бајден вели дека во неговата кариера имал привилегија да соработува со многу грчки премиери и изразува надеж дека ќе продолжи традицијата на дополнително зајакнување на соработката меѓу двете земји и „реафирмирање на заедничка посветеност кон Трансатлантскиот сојуз и кон сите заеднички вредности што нѐ обединуваат“.

Американскиот претседател во пораката до Сакеларопулу му честита на грчкиот народ за „историската годишнина 200 години од борбата за независност“ и додава дека грчките борци од 1821 година беа инспирирани од „идеалите и постапките на американската револуција, исто како што американските револуционери и татковците на нашата нација беа инспирирани од примерот на атинската демократија“.

Истакнува дека повеќе од 200 години, Грците и Американците чекореа заедно, „почитувајќи ги и бранејќи ги принципите на демократијата што им дадоа живот на нашите револуции“ и пишува дека и тој, заедно со грчкиот народ и милиони горди грчки Американци учествува во прославата на годишнината.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2021 23:00