„Пресвртната точка во битката со Ковид-19 беше создавање на вакцини. Со нивна помош, можеме да се справиме со пандемијата и да ја вратиме слободата што вирусот ни ја одзеде. Ви благодарам за надежта и можноста повторно да го имаме претходниот начин на живот“. Ова го изјави премиерот Бојко Борисов во телефонски разговор со проф. Угур Шахин, основач на германската компанија БиоНТех, која заедно со американската компанија Фајзер развија една од првите вакцини против коронавирус во светот, соопшти пресслужбата на бугарската влада.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот премиер Борисов истакна дека главниот предизвик денес е вакцините да бидат достапни за сите граѓани не само во Европската унија, туку и ширум светот.

„Затоа што никој не би бил безбеден од коронавирусот се додека не бидеме заштитени сите. Бугарскиот премиер силно му честиташе на германскиот научник за исклучително високотехнолошкото откритие, а тоа е вакцината создадена од Бионтех. Борисов истакна дека се повеќе и повеќе бугарски граѓани се подготвени да бидат вакцинирани затоа што се убедени во придобивките од имунизацијата, која спасува животи. За време на разговорот, премиерот Борисов истакна дека Бугарија има долга традиција во производството на лекови и вакцини.

Премиерот ги покани германскиот научник проф. Шахин и неговиот тим да ја посетат Бугарија за да се запознаат со активностите на БулБио за производство на вакцина против Ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2021 23:42