Денеска во Албанија официјално почнува изборната кампања за парламентарните избори што ќе се одржат на 25 април.

Пандемијата и анти – ковид мерките диктираат сосема поинакво политичко однесување, што албанските граѓани навикнале да гледаат во последните 30 години.

Двете најголеми политички сили, владејачката Социјалистичка (ПС) и опозициската Демократска партија(ПД), кампањата ја стартуваат во ист термин, попладнево во 17:00 часот од Тирана, но овој пат не со митинзи, туку со контролирано учество, користејќи онлајн комуникација.

Како што е најавено лидерите Еди Рама и Љуљзим Баша, само со неколку соработници ќе се појават на плоштадот „Скендербег“, односно „Мајка Тереза“, додека членството и поддржувачите ќе ги следат од дома.

Комитетот на експерти за справување со пандемијата вчера соопшти дека ограничувачките мерки: полицискиот час, кој трае од 22 до шест наутро и групирања на повеќе од десет лица, продолжуваат уште две недели.

На овие избори Социјалистичката партија настапува смостојно, но на своите листи има претставници на партиите на малцинствата, меѓу кои и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и актуелен пратеник, Васил Стерјовски, кој е на кандидатската листа за округот Корча, од каде го доби и првиот мандат.

Демократската партија настапува во коалиција со неколку помали политички партии, меѓу кои и Републиканската, на Фатмир Медиу, Партијата за заштита на човековите права, на албанските Грци, чиј лидер е Вангел Дуле и Партијата за правда, интеграција и единство на Шпетим Идризи, партија на протераните Албанци – Чами од Грција и нивните потомци.

Самостојно на изборите настапува и третата по големина партија, опозициското Движење за социјалистичка интеграција на Моника Круемади, која потпиша постизборна коалиција со демократите.

На изборите за првпат учествува новата партија на Јозефина Топали, поранешна потпртседателка на ПД и собрански спикер, на Астрит Патози, поранешен генерален секретар на ПД и на демократската Рудина Хајдари, ќерка на Азем Хајдари од ПД,кој во 2009 беше смртно застрелан пред седиштето на партијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2021 15:24