Еден од двајцата руски дипломати во Бугарија, кој во понеделникот беше прогласен за персона нон грата под обвинение за шпионажа, ја напушти земјата, денеска објави електронското издание на весникот „Труд“, повикувајќи се на Тасс, јавува дописникот на МИА од Софија.

„Рускиот дипломат денеска ја напушти територијата на Бугарија. Вториот дипломат кому му е дијагностициран коронавирус, истото ќе го стори веднаш штом заздрави и добие негативен ПЦР тест. Бугарската страна, на која и беа презентирани потребните медицински документи, ја потврди својата согласност за овој присилен чекор“, објасни соговорникот на руската агенција.

Бугарското Министерство за надворешни работи во понеделникот двајца дипломати од руската амбасада во Софија ги прогласи за персона нон грата и посочи дека тие мора да ја напуштат земјата во рок од 72 часа. Истовремено, руската Амбасада во Бугарија истакна дека „смета дека одлуката на бугарската страна е неразумна“ и, руската амбасадорка во Софија Елеонора Митрофанова, во интервју за „24 часа“ порача „ Доста правите шоу. Русија не води никаква незаконска активност против Бугарија.“



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2021 15:33