Последниов, 44-ти состав на бугарскиот Парламент, што денеска ја заврши својата работа, има одобрување од само 18 проценти од граѓаните на Бугарија, наспроти 70 отсто незадоволни од тоа што пратениците покажаа и постигнаа во изминатите четири години, покажуваат резултатите од истражувањето на „Exacta Research Group“, спроведено меѓу 15 и 22 февруари на репрезентативен примерок од 1.005 возрасни Бугари според методот „ лице в лице “ јави дописникот на МИА од Софија.

Неодобрувањето на работата на Законодавниот дом е особено изразено кај граѓаните на Софија, кај младите Бугари на возраст под 30 години, како и кај најстарите, над 60 години.

Добри оценки за работата на 44-от состав на бугарскиот Парламент на крајот од нивниот мандат даваат 52 отсто од гласачите на ГЕРБ, 38 отсто од приврзаниците на ВМРО, 17 отсто од гласачите на МРФ, 14 отсто од приврзаниците на Патриотската коалиција „Волја – НФСБ“, седум проценти од гласачите на БСП, пет отсто на „ Има Таков народ“ и три отсто од приврзаниците на Демократска Бугарија.

За претседателката на бугарското Национално собрание, Цвета Карајанчева, на крајот од нејзиниот мандат позитивно се изјасниле само 25 отсто од граѓаните, што е удел поголем од одобрувањето што го доби институцијата со која таа раководеше. Но, оние кои немаат добро мислење за тоа како таа го предводеше парламентот изнесува 58 отсто.

Истражувањето на бугарската агенција „Exacta Research Group“ било овозможено од сопствени средства.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2021 16:07