Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му честиташе на Албин Курти за изборот за премиер на Косово и истовремено од него побара да го преиспита прашањето за Амбасадата на Косово во Ерусалим, пренесува Агенција Анадолија.

Ердоган во честитката посочи дека искрено верува дека традиционалното пријателство длабоко вкоренето меѓу двете земји ќе се развива и за време на неговиот премиерски мандат.

Турскиот претседател во писмото истакнува дека вклучувањето на Турската демократска партија на Косово во Владата, партијата која освои две места резервирани за турската заедница во Собранието на Косово, е показател дека Курти обрнува внимание на приоритетите и очекувањата на турската заедница, пренесува Анадолија.

Истовремено, Ердоган ја повика Владата на Курти да ја преиспита одлуката за отворање на косовската Амбасада во Ерусалим.

„Турција, како и секогаш, во наредниот период ќе покаже солидарност на сите полиња со братскиот народ на Косово. Од друга страна, бидејќи знам дека и вие сте загрижени во врска со прашањето за косовската Амбасада, која, како што е соопштено, е отворена во Ерусалим, мислам дека би било корисно вашата Влада да го разгледа ова прашање во рамките на релевантните резолуции на ОН и меѓународното право”, напиша Ердоган во честитката.

Новата Влада на Косово на чело со премиерот Албин Курти, лидерот на Движењето „Самоопределување”, победникот на предвремените парламентарни избори одржани на 14 февруари, е избрана на 22 март со мнозинство гласови на пратениците на Собранието на Косово.

Косово официјално ја отвори својата Амбасада во Ерусалим на 14 март.

Воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Косово и Израел и отворањето на Амбасадата во Ерусалим е овозможено со договорот на Вашингтон за економската нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој е потпишан на 4 септември во 2020 година во Белата куќа во присуство на тогашниот претседател Доналд Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2021 17:10