Владимир Билчик, известувач на Европскиот парламент (ЕП) за Србија, во својот извештај, за кој денеска дискутира ЕП, наведува „посебна загриженост поради дезинформациите од Кремљ што се дистрибуираат преку Спутник Србија и други актери”. Српските власти се повикани на „преиспитување на аранжманите кои тоа го овозможуваат”, објави Спутник Србија.

Повикот за „преиспитување на аранжманот” Билчик го образложува заради „намалување на дезинформациите и интензивирање на напорите против таквите кампањи, чиј број е зголемен од почетокот на пандемијата на ковид-19″.

Билчик исто кажа дека Србија има „најниска стапка на усогласување со надворешната политика на ЕУ и тоа мора да се промени”.

-Се надевам дека можеме да имаме многу поблиски врски кога станува збор за борбата против дезинформации во врска со Русија и Кина, кажа тој.

Во извештајот се „изразува загриженост за зголемената зависност на Србија од воена опрема и технологија од Кина, како и за тесната политичка и воена соработка со Русија, вклучително и континуираното присуство на Русија во Ниш”.

Во својот извештај, Билчик наведува да ЕП го поздравува фактот дека членството во ЕУ останува стратешка цел на Србија и еден од приоритетите на новоформираната влада, но исто така изразува жалење за недостатокот на напредок во многу реформи и назадувања во клучните прашања за пристапувањето во ЕУ, наведе агенцијата Бета.

Во извештајот, подготвен од известувачот на ЕП за Србија, Владимир Билчик, од Србија се бараат „убедливи резултати” во важни области како што се правосудството, слободата на изразување и борбата против корупцијата и организираниот криминал и се повикува Европската комисија да го смени начинот на известување за да се земе предвид назадувањето и испраќање на јасна порака до земјите во процесот на пристапување, вклучувајќи ја и Србија.

Во документот, заснован на Извештајот на ЕК за Србија, се посочува и дека „нормализацијата на односите и за Србија и за Косово е приоритет и предуслов за пристапување во ЕУ” и е клучна за обезбедување стабилност и напредок во поширокиот регион. Во предлог резолуцијата се повикува на „активен и конструктивен ангажман во дијалогот со посредство на ЕУ со цел да се постигне сеопфатен, одржлив и правно обврзувачки договор во согласност со меѓународното право”.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2021 17:20