Албанскиот претседател Илир Мета, попладнево преку видео порака, побара изборниот процесот да се заврши мирно и секој глас „ од Вермош до Кониспол, да се изброи и администрира во согласност со законот“.

Додава дека негов предизвик бил народот слободно да ја изрази својата волја и побара од политичките партии до соопштување на конечните изборни резултати да покажат смиреност.

-Мојот најголем предизвик, особено во последните две години, беше народот слободно да ја изрази својата волја и Албанија да се врати на колосекот на Уставот, парламентарноста и политичката нормалност. Додека не се објави конечниот резултат, политичките партии и нивните претставници мора да покажат претпазливост и смиреност, порачува Мета.

Посочува дека изборниот процес на 25 април минал мирно што е во прилог на демократијата и стабилноста на земјата.

-Иако сам пред сите заробени институции, успеав да го направам 25 април тивок, мирен ден, без сцени на насилство и со ваше масовно учество. Иако се чинеше како невозможен предизвик, среќен сум што 25 април може да и служи на демократијата и стабилноста на земјата, наведува Мета.

Според него сега е време да се заврши изборниот процес мирно и во согласност со законот а потоа „сите да се одразиме до септември, кога ќе се создадат нови институции, кои произлегуваат од гласањето на 25 април“.

Ова е прво обраќање на шефот на државата по неделениот изборен ден, а следува откако напладне лидерот на социјалистите, Еди Рама, прогласи победа и ги повика приврзаниците и сите граѓани да слават на плоштадот „Скендербег“ вечерва во 18 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2021 23:31