Од доцна синоќа, граѓаните во Грција кои се на возраст од 30 до 39 години и се регистрирани за дигитално издавање здравствени рецепти, почнаа да добиваат смс пораки за вакцинација со „Астра-Зенека“, додека пак од денеска е отворена и платформата за регистрација, а според надлежниот министер веќе се закажани 60.000 термини, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за дигитална политика на Грција Кирјакос Пиеракакис, говорејќи за телевизијата „Антена” рано утрово рече дека веќе се пријавиле 30.000 лица, односно и за двете дози се закажани вкупно 60.000 термини.

Поради достапниот број вакцини на „Астра-Зенека“, грчката Влада одлучи да отвори паралелен процес на имунизација за помладите граѓани, а од задутре, ќе можат да се пријават и оние на возраст од 40 до 44 години.

Вакцинацијата на лицата и од двете возрасни групи е исклучиво со „Астра-Зенека“.

Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, на денешниот редовен брифинг со новинарите, го повтори ставот на премиерот на Грција дека „најдобрата вакцина е брзата вакцинација” и истакна дека сите вакцини се безбедни и ефикасни.

– Владата, политичките партии, црквата, општествените и професионалните организации, сите да упатиме апел до оние што можеле,а не го сториле тоа, да влезат на платформата и да го закажат нивниот термин за вакцинација. Неправедно е да се губат животи, кога можат да се спасат, порача Пелони.

Во однос на пандемијата, рече дека е позитивно тоа што во изминатите денови е регистрирано „постепено, но сѐ уште бавно, намалување на новите скчучаи, хоспитализациите, но и на пациентите приклучени на апарати”.

-Сепак, се чини дека веќе влеговме на патот за враќање во иднината. Сите ние имаме обврска уште малку да бидеме трпеливи, да се придржуваме до мерките за заштита и да не се опуштаме, рече Пелони.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2021 23:48