Околу 2.000 бугарски војници ќе учествуваат во вежбите на НАТО што ќе се оддржат во мај и јуни, како дел од обуката на воениот персонал од Алијансата и земјите партнери, во рамките на големата вежба „Дефендер Јуроп“ (Бранител Европа), чии различни фази ќе се оддржуваат во регионот на Црното Море, Балканот и Естонија, а на кои ќе учествуваат речиси 28 илјади војници, јави дописникот на МИА од Софија.

Заменик командантот на американската војска во Европа, генерал-мајор Кристофер Мохан, изјави дека вежбата „Дефендер Јуроп“ е за обука и едукација и дека таа нема никаква врска со тензиите меѓу НАТО и Русија во Црно Море.

-Ова е вежба што ќе гради заеднички можности меѓу американската војска, НАТО, сојузниците и партнерите. Ќе се спроведе во согласност со сите договори за контрола на конвенционалното оружје. Вежбата според својот карактер е од одбранбена природа. Нејзиниот фокус е ставен врз спречувањето на агресијата, додека силите се подготвуваат да одговорат на кризи или да спроведат големи борбени операции, доколку тоа е потребно, објасни генералот Мохан.

Првата вежба во Бугарија ќе се оддржи на 1 мај, на полигонот Црнча, а на неа ќе бидат вклучени војници од Велика Британија, Шпанија, Република Северна Македонија и САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2021 00:10