Порталот „Базфид“ направи анкета и ги праша своите читатели – кој хорор-филм ги вознемирил дотолку што не можеле да спијат потоа? Следи дел од позанимливите одговори…

„Кукларот“ (Puppet Master), од 1989 година – „Го гледав кога бев дете. Мислев дека ќе биде симпатично ако има кукли… До денес имам кошмари”.

„Сиропиталиште“ (The Orphanage), 2007 година – „Бев згрозен од сцената кога една жена ја удри автомобил и нејзиното лице остана крајно деформирано, но тоа не е ништо во споредба со изопачениот крај. Морав да гледам слики на слатки кучиња на мојот мобилен еден час пред дури да можев да помислам да заспијам“.

„Чудак“ (Creep), 2014 година – „Станува збор за снимател кој прифаќа работа од лик кој има рак и сака да снима филм за својот нероден син. Ништо не ме исплаши, но беше морничаво поради недостаток на подобар збор. Секоја сцена ми предизвика толку многу вознемиреност што морав да гледам хумористична серија откако не можев да заспијам“.

„Лавиринт на ужасот“ (Atrocious), 2010 година – „Ова е шпански хорор снимен во облик на ‘пронајдена снимка’. Дотогаш се плашев само од кловнови, но овој филм ме расплака и имав кошмари поради тоа”.

„Жената во црно“ (The Woman in Black), 2012 година – „Овој филм ме потресе многу. Го гледав насекаде. И, тоа траеше околу една недела”.

„Ужаснувач“ (Terrifier), 2016 година – „Без претерување, но ми требаа пет обиди да го изгледам овој филм до крај“.

„Празници“ (Holidays), 2016 година – „Ова е антологиски филм со кратки хорор-приказни поврзани со различни празници, а делот за Денот на Свети Патрик толку многу ме исплаши што плачев и се криев под ќебето. Јас сум голема љубителка на хоророт и не сум жена што лесно се плаши, но овој филм ми ја погоди фобијата и ми создаде сосем ново ниво на страв“.

„Оган на небото“ (Fire in the Sky), 1993 година – „Овој филм за малку не ме испрати на психотерапија. Го гледав не знаејќи за што станува збор, а имам нерационален страв од вонземјани. За малку не добив срцев удар”.

„Кендимен“ (Candyman), 1992 година – „Тоа беше првиот хорор филм што некогаш сум го гледал. Го гледав кога отидов да спијам кај еден пријател. Но, јас воопшто и не спиев после тоа. Никој од нас не сакаше да се погледне во огледало со месеци”.

„Средби со мртвите“ (Grave Encounters), 2011 година – „Братучетка ми ми го препорача мене и на сестра ми. Само што почнав да гледам хорор-филмови и ги обожавав – никој од нив претходно навистина не ме исплаши. Потоа, една вечер сестра ми и јас решивме да го гледаме. Буквално изрипав неколкупати. Тоа нè полуде толку многу, што сестра ми избега во нејзината соба и ме остави сама. Гледав цртани филмови до зори. Успеав да заспијам дури следниот ден, кога и мајка ми и сестра ми беа дома“.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2021 16:23