Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ почнал да ги спроведува своите закани по вчерашното гласање во Парламентарното собрание на Советот на Европа за зачленување на Косово во таа организација, јави дописникот на МИА од Приштина.
На вечерашната прес-конференција, по запирањето на стотици Косовари на граничните премини на Србија со други земји, Гервала рече дека тоа е дел од спроведувањето на заканите од Белград и претставува масовно кршење на човековите права.
-Соочени сме со една ситуација, а таквата акција се заснова на вчерашните случувања. Вучиќ им се закани и на Косово и на нашите партнери дека позитивното гласање во Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе има последици. Вчера не му успеа пропагандата, денес Вучиќи почна да ги спроведува своите закани. Во овој контекст го гледам запирањето. Масовно се прекршени правата на граѓаните, рече Гервала.
Според неа, на информативни разговори биле приведени дел од косовските државјани, кои биле патници во автобусите запрени на влезот во Србија на граничните премини со Хрватска и Унгарија.
-Со голем број од нив се извршени информативни разговори, имало намера да се зборува за 1999 година, за Ослободителната војска на Косово, рече Гервала.
Шефицата на косовската дипломатија нагласи дека денеска „прилично“ голем број косовски полицајци биле приведени, а потоа ослободени.
-Во однос на апсењето на разни полициски службеници, бројката е прилично голема, тие не беа ограничени на неколку полицајци. Не би сакала да шпекулирам бидејќи не сакам да ја вознемирувам нашата јавност и не сакам да давам полупроверени информации. Знаеме дека голем дел од нив се веќе ослободени, рече Гервала.
Таа изјави дека меѓународната реакција за задржувањето на граѓаните на границите е прва по подолго време каде од Србија се бара да преземе одговорност.
-Разговаравме со нашите партнери, ги информираме. Имаше реакција од ЕУ, при што по долго време ЕУ веќе не зборува за „одговорност на двете страни“, туку јасно се кажува дека тоа е прекршување на договорот за мобилност и бара Србија да престане со ваквите дела, рече Грвала.